Избројани се деновите на Перо Антиќ како претседател на КФСМ откако тој не одговори на иницијативата за свикување на Вонредно Собрание на кое требаше да се дискутира за една точка – недоверба во работата на раководството и смена на претседателот.
Откако тој рок од 14 дена измина, денеска и официјално Младен Ѓуроски во просториите на КФСМ ја поднесе својата кандидатура за нов претседател, што се очекува да биде изгласана со огромно мнозинство на следното Собрание на куќата на кошарката. Заедно со кандидатурата, Ѓуроски како предводник на иницијативниот одбор за промени го закажа и Вонредното Собрание за 30 април (согласно Статутот, 14 дена по истекот на рокот што го имаше актуелното ракоовдство). На ова собрание, воошто нема да биде неопходно присуство на сегашните водечки лица во федерацијата за истото да биде одржано.
Младен Ѓуроски во изминатите месеци доби апсолутно мнозинство на гласови од клубовите, нешто што беше забележливо и на Собранието одржано пред крајот на 2024, што беше прекинато без конечна разврска. Тој сега речиси сигурно ќе биде единствен кандидат за претседател, а зад себе ќе има моќен тим кој за единствена цел ќе има – враќање на кошарката онаму каде што заслужува.
Екс-претседателот Петар Наумоски ќе биде близок соработник на Ѓуроски во обидите за консолидација на мак-баскетот. Рамо до рамо со него ќе биде и Томица Главчев, успешниот бизнисмен кој долги години вложуваше во кошарката, имаше и сопствен клуб Блокотехна со кој стигна до титулата во регионалната БИБЛ-лига, а сега за првпат ќе влезе со конкретни чекори и во федерацијата.
Владо Илиевски е уште едно познато кошаркарско име кое ќе биде дел од „екипата на Ѓуроски“, легендарниот плејмејкер важи за близок пријател на новиот претседател, на чие инсистирање се согласил да извршува функција во новите структури на куќата на кошарката. Покрај Илиевски, дел од новото раководство ќе биде уште еден легендарен репрезентативец, Врбица Стефанов, кој исто така ќе има своја улога по претседателската смена на собранието закажано за 30 април.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА