Ѓуроски: Заслужено го добивме МЗТ, го поправивме она што ни недостигаше на претходното дерби

Работнички успеа да врзе пет победи во низа откако „центарци“ славеа на големото дерби против МЗТ Скопје, потврдувајќи го константниот раст во формата во последниот период. Еден од клучните играчи беше Стојан Ѓуроски, македонскиот репрезентативец кој погоди четири тројки од седум обиди и со 20 поени беше втор стрелец на „центарци“ во големиот дерби триумф, прв за Работнички над МЗТ по нецели три години пауза.

Победата значеше и реванш на Работнички за убедливиот двоцифрен пораз на првиот овосезонски дуел со вечниот ривал, а Ѓуроски потенцираше една работа што неговиот тим ја промени во однос на тој прв натпревар.

„Мислам дека заслужено го добивме МЗТ Скопје, имавме целосна контрола над резултатот и без оглед на падот на концентрацијата во финишот триумфот не беше доведен во прашање. Бевме максимално мотивирани, се знае дека мотивацијата и ангажманот се важни фактори на овие средби и се погриживме тоа да биде на највисоко ниво кај нас, добро го имавме анализирано МЗТ, го спроведовме она што беше зацртано како план од стручниот штаб и на крајот заслужено се радувавме. Она што го сменивме во однос на претходното дерби беше агресивноста, како во нападот така и во одбраната. МЗТ е тим што игра агресивно, на лимит на прекршок при секој дуел, ние синоќа им одговоривме на идентичен начин и таквиот пристап ни даде резултат“, истакна Ѓуроски за ЕКИПА.

Работнички пред помалку од два месеци делуваше катастрофално, но по домашниот пораз од Феникс ситуацијата целосно се промени, па „центарци“ наликуваат на тим способен да се бори за трофеите на македноската кошаркарска сцена.

„Нормално е кога ќе дојде нов тренер да биде потребно време за ние како играчи да се адаптираме на него, да се разбере целосно неговата кошаркарска филозофија. Мислам дека ова што сега го покажуваме е најдобар доказ дека поседуваме квалитет и дека можеме да ги победиме сите ривали во македонската кошарка. Сепак, мораме да останеме смирени, вистинските борби допрва следат, пред нас е и меч со Еуро Никел пред завршниот турнир од Купот на Македонија. Најважно е да останеме цврсто на земја, да се фокусираме натпревар по натпревар и да се обидеме оваа победничка серија да ја продолжиме најдолго што можеме“, изјави Стојан Ѓуроски.

Се вчитува...