Голманот Бјоргвин Пал Густавсон многу добро знае од каде ќе доаѓа главната опасност по неговиот гол. Опишувајќи го Кире Лазаров како „играч што и премногу шутира“, тој истакна дека не би му пречело доколку македонскиот капитен му даде и 30 погодоци, се додека исландскиот колектив на крајот триумфира и се пласира во осминафиналето.
„Тој секогаш ја зема топката со намера да шутне, дури и премногу често ако мене ме прашувате. Знам дека често ќе шутира и дека ќе даде многу голови, но тоа не ме загрижува премногу. Кире Лазаров нека ми даде и 30 гола, ако ние одиграме добро на колективен план и победиме на крајот. Секако, Македонија не е само Лазаров, тука е и пивотот Стоилов, кој делува како да има 200 килограми и соработува беспрекорно со бековите. Задачата да ги запреме ќе биде тешка, но ние се подготвени“ – изјави Густавсон, кој на овој шампионат има вкупно 38 интервенции на досегашните четири средби, со 34% успешност.
Главен предизвик за одбраната на Исланд ќе биде да најде лек за нападот „седум на шест“ на кој инсистира Лино Червар со исландската репрезентација.
„Тоа е сосема нов проект со кој се менува рракометот. Гледавме дека Македонците многу често ја користат оваа тактика, мислам дека најважно ќе биде да бидеме трпеливи и да играме интелигентно, фокусирани во одбраната да ја чекаме нивната грешка и потоа да ја искористиме“ – порача Густавсон.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА