Гути до Реал Мадрид: Вратете го Серхио Рамос!

Реал Мадрид премногу скапо ја плати вчерашната победа над Осасуна откако повреди заработија Милитао, Васкез и Родриго. Налошо од сите мина Едер Милитао, кој по вторпат во рок од две години ги скина лигаментите во коленото.

Бразилецот прерано ја заврши сезоната, а во ситуација кога подолго време повреден е и Давид Алаба, а во тимот го нема ниту Чуамени кој по потреба лани играше во срцето на одбраната, јасно е дека Карло Анчелоти се соочува со огромен проблем во составувањето на дефанзивната линија.

За поранешниот капитен Гути, постои само едно логично решение за „кралевите“ во моментов, да го вратат поранешниот капитен Серхио Рамос, кој е слободен играч и би можел веднаш да потпише и да му се стави на располагање на Анчелоти.

„Вратете го Серхио Рамос, тоа е единственото добро решение во моментов. Тој е без клуб, но е човек што секогаш се грижи за своето тело, не се сомневам дека е во добра физичка форма во моментов. Згора на тоа, говориме за човек кој е легенда на Реал Мадрид, кој знае што значи да се носи овој дрес и кој дефинитивно би бил од помош во оваа ситуација. Погледнете му го само лицето на Анчелоти иако неговиот тим убедливо славеше, веднаш се гледа колку е загрижен“, истакна Гути.

Се вчитува...