Раководството на Манчестер сити ќе го награди Пеп Гвардиола со нов договор и рекордна плата од 20 милиони фунти по сезона, објавија денеска неколку англиски медиуми. Актуелниот договор на Гвардиола истекува во јуни 2019 година, но „граѓаните“ се решени што поскоро да ги разрешат дилемите и да потпишат долгорочен договор со стратегот под чие водство екипата игра извонредно во текот на целата сезона.
Каталонецот досега заработува 17 милиони фунти годишно, а со новиот договор тој уште повеќе ќе се „зацементира“ како најплатен тренер во Европа. Како што јавуваат медиумите на „островот“, за официјална потврда ќе се чека освојување на првиот трофеј на Гвардиола со Сити. Ова би значело дека во случај на победа во финалето од Лига-купот потписот би следел во текот на следната седмица, а доколку тоа не се случи ќе се почека Манчестер сити официјално да ја осигура титулата во Премиер-лигата (моментно има 16 бода предност во однос на второпласираниот Манчестер јунајтед).
Пеп Гвардиола имаше разочарувачки резултати во својата прва сезона во Премиер-лигата, но веќе во втората година ја потврди својата генијалност и на англиската фудбалска сцена.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА