Манчестер Сити се наоѓа пред тежок правен предизвик да најде решение како да помине без казна за ниту еден од случаите во кои се терети за прекршување на финансиските прописи на Премиер лигата.
Обвинувањата опфаќаат период од 14 години, почнувајќи од сезоната 2009/10, при што 54 од нив се дека клубот не обезбедил точни и веродостојни информации. Четиринаесет пријави се за неточни податоци за исплата на играчите и тренерите, седум се за прекршување на правилата за профит и стабилност во Премиер лигата, пет се за непочитување на правилата на УЕФА, вклучително и финансискиот фер-плеј па клубот може да се соочи со казни како што се одземање поени или испаѓање во понизок ранг доколку биде прогласен за виновен.
Сослушувањето за случаите треба да започне следниот месец, а исходот се очекува на почетокот на следната година. Тренерот Пеп Гвардиола се надева дека целиот случај ќе биде решен што поскоро, а и верува дека истиот нема да се одрази на игрите на неговиот тим.
„Среќен сум што овој процес започнува наскоро и се надевам дека наскоро ќе заврши во корист на сите нас. Особено за клубот, но и за сите други клубови од Премиер лигата. Сакам да одам на судење, во независниот трибунал – и повторно го кажувам, во независниот трибунал, и што е можно поскоро ќе дознаеме што се случило. Ќе ја прифатиме одлуката како и секогаш“, вели Гвардиола.
„Мислам дека нема да има голем ефект. За тоа зборуваме три или четири години. Знаеме дека ќе се случи, го прифаќаме и се фокусираме на нашите игри“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА