Гвардиола: Јунајтед нема да згреши ако го доведе Тен Хаг

Пеп Гвардиола му порача на лутиот ривал Манчестер Јунајтед да го донесе Ерик тен Хаг за нов менаџер. Стратегот на Ајакс се наоѓа на врвот на листата со желби на „црвените ѓаволи“, а Гвардиола е убеден дека Тен Хаг е дораснат за големиот тренерски предизвик на „Олд Трафорд“.

Во периодот кога Пеп беше тренер на Баерн Минхен, Тен Хаг беше задолжен за работа со резервниот тим на баварскиот гигант, па каталонскиот стручњак има само пофални зборови за таа соработка.

„За мене Тен Хаг е одличен тренер и Јунајтед нема да згреши ако го доведе. Често бевме во контакт во тој период и неверојатно е колку е скромен, а истовремено колку вредно работи. Секогаш сум велел, ако сакате да видите каков тренер е некој, видете како игра неговиот тим низ еден подолг период. Погледнете го Ајакс и начинот на кој холандскиот тим игра во последните години, не само во таа 2019 година во која стигна до полуфиналето на ЛШ, туку и во изминатите сезони. Тој е тренер што знае како сака да му играат фудбалерите, а навивачите уживаат гледајќи го неговиот тим“, истакна Гвардиола.

Британските медиуми најавуваат дека Тен Хаг сега е нов фаворит во трката за нов стратег, откако слабите игри на ПСЖ придонесоа челниците на Јунајтед се повеќе да се сомневаат во квалитетите на Маурицио Покетино.

Се вчитува...