Се е подготвено за големото градско дерби меѓу Манчестер јунајтед и Манчестер сити што во 17.30 часот ќе се игра на „Олд трафорд“, пресметката на големите ривали на теренот, но и на клупите на гигантите, Жозе Мурињо на едната и Пеп Гвардиола на другата страна. Мурињо во неколку наврати во пресрет на ова дерби го „пецна“ Каталонецот поради актерските способности на неговиот тим, но и жалбите за повредите на играчите кои „на крајот оздравуваат и играат“, но Гвардиола денеска го зададе последниот удар – јавно критикувајќи го стилот на игра на Португалецот, „паркирањето автобус“ во тотална дефанзива на дерби дуелите.
„Ако дојде време да се откажам од мојот стил на игра и да треба да „паркирам автобус“ за да освојам бод или три, па тогаш подобро ќе се пензионирам. Да биде јасно, и јас како и секој друг тренер можам да се решам за тотална дефанзива, но тоа едноставно не е мојот стил. И не е точно дека тоа го базирам на играчите од највисока класа, ако ме гледавте во Барселона Б во 2007 година, од првиот натпревар секогаш инсистирав на овој тип на игра. Некогаш не успеваше, но тоа беше бидејќи другиот тим бил подобар или ние не сме одиграле доволно добро. Никогаш нема да се променам“ – дециден е Пеп Гвардиола.
Манчестер сити моментно има осум бода предност во однос на Манчестер јунајтед на втората позиција, и дури 11 пред шампионот Челси.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА