Менаџерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола, одреди нова мета на пазарот за овој преоден рок, иако станува збор за стара желба на шпанскиот стратег. Целта е да се доведе дефанзивецот на Атлетик Билбао, Емерик Лапорт, чија откупна клаузула изнесува 65 милиони евра.
Лапорт долго време го следат најголемите европски клубови, додека „граѓаните“ лани направија конкретни напори да го откупат од баскискиот клуб. Но, тешка повреда го тргна од терените, а и го оддалечи од трансферот во Премиер – лигата. Атлетик Билбао ја искористи таа шанса и го убеди францускиот интернационалец да потпише нов договор, а со тоа и неговата цена автоматски стана 65 милиони евра.
Гвардиола итно побара да ја зацврсти одбраната откако во текот на сезоната се потпира на Отаменди и Стоунс. Компани често се повредува и прашање е дали воопшто ќе ја врати препознатливата форма, додека Мангала не ги задоволува потребите на Пеп и тешко дека ќе добие шанса за настап. Доколку се реализира трансферот, Лапорт ќе го трге Де Бруин од „тронот“ најскап играч во историјата на клубот, бидејќи Сити за услугите на Белгиецот исплати 60 милиони евра на Волфсбург.
Во меѓувреме, англиските медиуми информираат дека раководството на клубот работи и на ангажман на играчот за врска од редовите на Шахтјор, Бразилецот Фред, додека цената на трансферот може да стигне и до 50 милиони евра.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА