Гвардиола пак се коцкаше и загуби: Манчестер Сити на колена пред Хари Кејн

Манчестер Сити не успеа да го искористи „киксот“ на Арсенал и да се приближи на лидерот на табелата во Премиер-лигата, откако „граѓаните“ го загубија денешното дерби од Тотенхем со 1-0. Пеп Гвардиола повторно реши да се коцка давајќи му шанса во стартниот тим на младиот Рико Луис, но и на Алварез, кој неочекувано доби улога во средниот ред на местото на феноменалниот Кевин Де Бруине.

Сити имаше повеќе од поседот на топката во почетните минути, но Тотенхем сепак успеа да поведе во раната фаза од мечот. Родри почетнички загуби топка на дваесетина метри од својот гол, Хојбјерг го проигра Кејн, кој рутински стрелаше во мрежата за својот 200. гол во кариерата во Премиер-лигата. „Граѓаните“ уште повеќе се отворија, но Тотенхем не искористи неколку полушанси во првото полувреме. Најубавата шанса Сити ја имаше во финишот од првото полувреме, кога Марез шутираше силно, но топката заврши во гредата од голот на Лорис.

Очекувано, актуелниот првак тргна во офанзива во вторите 45 минути, во игра влезе и Де Бруине, но одбраната на Тотенхем одлично го неутрализираше Халанд. Во самиот финиш Сити остана и со фудбалер повеќе по црвениот картон на Ромеро, Гвардиола и неговите избраници во неколку ситуации бараа и пенал, но откако не го добија заслужено го загубија овој натпревар.

Сити се уште заостанува пет бода зад лидерот Арсенал, но има и натпревар повеќе во однос на „топчиите“, додека Тотенхем со оваа победа е петтопласиран со 39 бода, само еден помалку од Њукасл на четвртата позиција.

Се вчитува...