Гвардиола по мечот во Белград: Панчев, Савичевиќ, Просинечки… тоа беа врвни играчи, на сите ни беа идоли!

Манчестер сити со триумф од 2-3 на синоќешното гостувањето против Црвена Звезда во Белград ја заокружи групната фаза во Лигата на шампионите.

Еден од најдобрите тренери на денешницата Пеп Гвардиола за време на престојот во Белград се осврна и на онаа шампионска генерација на црвено-белите од деведесеттите години на минатиот век која ја освои Европа.

Гвардиола истакна дека како дете се восхитувал на играчите од Црвена Звезда во тоа време предводени и од најдобриот македонски фудбалер во историјата Дарко Панчев, кои биле идоли за многумина во Европа.

„Секогаш е посебен впечатокот кога играш против еден историски тим кој ни бил за восхит на сите нас во тоа време, кој бил европски шампион во едни други фудбалски времиња и во една ваква извонредна атмосфера“ – вели Гвардиола и дополнува:

„Се сеќавам дека тогаш бев дете силно вљубено во фудбалската игра, а таа шампионска Црвена Звезда од 1991 година беше моја инспирација. Постојано повторував леле колку се добри… Дарко Панчев, Савичевиќ, Просинечки тоа беа неверојатни фудбалери кои беа идоли на многу деца во Европа во тоа време“.

За време на синоќешниот натпревар и најверните навивачи на Црвена Звезда, „Делиите“ испратија порака до Манчестер сити со желба за провокација: „Кога фудбалот не беше само пари. Светски шампиони 1991“.

Се вчитува...