Пеп Гвардиола имаше причина да биде задоволен по триумфот на својот тим од убедливи 0-4 на гостувањето против Брајтон, но трофејниот стручњак ја искористи прес-конференцијата по мечот за да ги предупреди своите фудбалери дека не смее да дојде до никакво опуштање во таборот на „граѓаните“ до крајот на сезоната.
Манчестер Сити има еден бод помалку, но и меч помалку во однос на лидерот Арсенал, „граѓаните“ се господари на сопствената судбина, но Гвардиола јасно им стави до знаење на своите фудбалери колку е важно да се остане максимално фокусиран.
Веќе викендов шампионот го очекува незгодно гостување против Нотингем, а како пример Гвардиола го наведе неочекуваниот пораз на Ливерпул од Евертон, најавувајќи што ќе ги очекува неговите избраници на овој меч.
„Секако дека постои притисок, го чувствуваме тоа. Знаеме дека ако не победиме, ако одиграме само еден меч нерешено, нема да можеме дасе вратиме на врвот до самиот крај. Победивме со Брајтон и тоа е одлично, но пред нас се уште пет средби. Се насочуваме кон следната. Видовте што му се случи на Ливерпул, оној пораз од Евертон. Нотингем е тим како што е Евертон, се бори за опстанок и ќе изгине на теренот за секоја топка. Мораме да бидеме на висина на задачата ако сакаме да стигнеме до титулата“, изјави Гвардиола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА