Англиските премиерлигаши се активни на фудбалската берза, па последните информации поврзани со Манчестер сити говорат дека Пеп Гвардиола покрај Дани Алвеш во текот на следната седмица ќе договори уште еден свој поранешен фудбалер.
Станува збор за Хави Мартинез, фудбалерот што настапуваше за Гвардиола додека каталонецот беше тренер на Баерн Минхен и кој сега би требало да му се приклучи на Пеп и во Премиер-лигата. Британската телевизија „БТ Спортс“ објави дека личните детали со фудбалерот се веќе договорени, а во завршна фаза се наоѓаат разговорите со Баерн Минхен околу висината на отштетата.
Германскиот шампион наводно барал 50 милиони евра, сума што Гвардиола е согласен да ја плати, па поради ова се најавува дека и Алвеш и Мартинез веќе во текот на следната седмица ќе ги минат лекарските прегледи во Манчестер, по што би ги ставиле своите потписи на договорите со „граѓаните“.
Хави Мартинез одлично се снаоѓа и како централен дефанзивец и како последен играч за врска, со што сигурно би претставувал огромно засилување за тимот на Пеп Гвардиола во наредната сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА