Гвардиола: Судијата беше „посебен“ – сите гледаа едно, а тој сосема друго

Пеп Гвардиола повторно не успеа во желбата да го одведе Манчестер сити далеку во Лигата на шампионите, откако беше два пати поразен од Јирген Клоп и Ливерпул. Каталонскиот стратег по мечот им честиташе на противниците, но упати и остри критики кон главниот судија Антонио Матеу Лахоз поради грешките со кои Сити беше оштетен, пред се поништениот гол на Сане.

„Тој е судија што секогаш сака да се чувствува поинаку од другите. Посебен е, кога сите гледаат една работа, тој за истото гледа сосема друго. Знаевме дека е таков, разговаравме за тоа, но сепак бевме оштетени. Добив црвен картон, а не употребив ниту еден збор за да го навредам. Само му кажав дека е гол, топката се удри од Милнер до Сане и не може да биде офсајд. Не е сеедно дали на одмор ќе заминете со 1-0 или со 2-0, разликата е огромна. Имаше и пенал од Робертсон врз Стерлинг пред очите на судијата крај гол-линијата. Секако дека арбитрите влијаеја врз резултатот. Како и да е, јас му честитам на Ливерпул, тоа е одличен тим со извонреден тренер, искрено му посакувам да стигне во финалето и да ја одбрани честа на англискиот фудбал“ – изјави Гвардиола.

Се вчитува...