Гвардиола тргна по Пакета, но Вест Хем бара богатство за Бразилецот

Пеп Гвардиола потроши над 150 милиони евра на Ковачиќ и Гвардиол, но стратегот на Манчестер Сити не е задоволен од тимот што го има на располагање и инсистира на уште едно засилување на „Етихад“. Бразилскиот репрезентативец Лукас Пакета е фудбалерот што Гвардиола сака да го види во редовите на европскиот првак, како директна замена за Ријад Марез, кој реши кариерата да ја продолжи во Саудиска Арабија.

Пакета минатото лето дојде од Лион во Вест Хем во трансфер вреден 52 милиони фунти и веднаш се адаптираше на стилот на игра во Премиер-лигата, прикажувајќи низа одлични партии во дресот на „чеканите“. Гвардиола бара играчи кои добро покриваат по неколку различни позиции во тимот, услов што бразилскиот репрезентативец дефинитивно го исполнува, па челниците на Сити веќе оствариле и првичен контакт со Вест Хем.

Директорите на Манчестер Сити најавиле дека се подготвени да платат 70 милиони фунти, но од Вест Хем јасно порачале дека немаат намера да прифатат таква понуда. Лондонскиот клуб ќе инсистира на 85 милиони фунти за да даде зелено светло за заминување на Пакета, во спротивно ќе го задржи Бразилецот уште една година, па наредното лето ќе стане активна неговата клаузула за заминување за отштета од 75 милиони фунти.

Вест Хем денеска го договори трансферот на Хари Мегваер од Манчестер Јунајтед, а во завршна фаза се и преговорите за доаѓање на Ворд Праус од Саутемптон.

Се вчитува...