Манчестер Сити летово ќе остане без Серхио Агуеро, а Пеп Гвардиола веќе го избрал фудбалерот што планира да го доведе како наследник на аргентинскиот голгетер. Станува збор за Ерлинг Халанд, норвешкото „чудо од дете“ пред кое е блескава иднина, а „граѓаните“ планираат да го доведат уште во текот на летово, со понуда што Борусија Дортмунд нема да може да ја одбие. Токму потенцијалот на Халанд е причината поради која Гвардиола се откажал од намерата да потроши богатство на Лионел Меси, кој дефинитивно е најблиску до трансфер во ПСЖ.
Халанд во 2022 година ќе има клаузула за раскин во висина од 70 милиони евра, но Манчестер Сити не планира да чека. Затоа, англискиот гигант ќе понуди 120 милиони евра за да го убеди раководството на Борусија да го пушти Халанд веќе летово и да заработи 50 милиони евра од она што „милионерите“ би го добиле во јули 2022 година. Што се однесува до самиот фудбалер, за Халанд е подготвена понуда од вкупно 400.000 фунти неделна плата (вклучувајќи ги и бонусите), сума што Норвежанецот сигурно тешко би ја одбил.
За Халанд се интересираа и Јувентус, Реал Мадрид и Барселона, но ниту еден од овие клубови не е подготвен ниту на приближна понуда како оваа на „граѓаните“, па токму затоа се очекува Халанд во текот на летото да се пресели во Манчестер.
Норвежанецот и сезонава е предводник на нападот на Борусија Дортмунд, постигнувајќи 22 гола на 21 одигран меч во сите натпреварувања.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

