Пеп Гвардиола е подготвен да стави крај на мизеријата на Иско во Реал Мадрид и да го доведе шпанскиот фудбалски генијалец во Манчестер сити. Веќе станува јасно дека Сантијаго Солари не смета сериозно на Иско, кој воопшто не добива шанса во Примера дивизион и во Лигата на шампионите, па само прашање на време е кога Иско ќе си замине од Мадрид, или поточно – кога ќе стигне вистинската понуда за неговите услуги.
Манчестер сити во последно време ги губи трките за играчите кои се желба на Гвардиола, но трофејниот стратег токму затоа инсистира овој трансфер да биде договорен час поскоро. Иако Пеп го сака Шпанецот за летниот преоден рок, негова желба е трансферот да биде комплетиран уште во текот на оваа сезона, за да не дојде до компликации како што тоа се случи со Жорњињо, кој беше договорен со Сити, за во последен момент да се пресели во Челси.
Клаузулата за заминување на Иско од Мадрид изнесува 700 милиони евра, но во ситуација кога тој воопшто не е дел од плановите на стручниот штаб се очекува големиот ас да биде достапен за „само“ 100 милиони, сума што „граѓаните“ се подготвени да ја потрошат за да ја исполнат желбата на својот стратег.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА