Манчестер сити моментално игра најатрактивен фудбал во Премиер – лигата и во голем стил чекорат кон новата титула во шампионатот. Знаејќи дека петтиот пехар во англиското првенство им е на дофат, вкусот на успехот уште повеќе ја буди желбата да нови достигнувања. Токму затоа Пеп веќе крои планови за следната сезона, а има одредено и една главна мета – Пауло Дибала.
Шпанскиот стратег верува дека Дибала е наследникот на Серхио Агуеро во нападот на Сити, и дека токму „аргентинскиот дијамант“ ќе биде човекот кој ќе го предводи неговиот тим кон нови успеси. Цената ќе биде астрономска, тоа е јасно, Јувентус не се откажува така лесно од своите најдобри фудбалери, освен ако самите не сакаат да си заминат, како во случајот со Пол Погба, Леонардо Бонучи.
Но, кога Гвардиола прв пат дојде на „Етихад“, газдата му посочи едно нешто, дека за него на трансфер маркетот нема граници. Затоа ќе издвојат средства онолку колку што е потребно да го доведат 24-годишниот напаѓач на „старата дама“. Според она што се случува во изминативе години на фудбалскиот пазар, 100 милиони евра би била стартната понуда, но таа цифра тешко дека ќе ги задоволи челниците на италијанскиот првак.
Откако оваа вест се рашири низ фудбалската јавност, медиумите претпоставуваат дека Дибала е причината зошто Сити се откажа од ууслугите на Алексис Санчез во последен момент, „Чилеанецот“ заврши на „Олд трафорд“. Доколку во ова има малку вистина, тогаш Пеп навистина е генијалец што се откажа од Санчез во последен миг, бидејќи новата „7-ка“ на Јунајтед се повеќе разочарува со неговите настапи, особено по вчерашната елиминација од Севилја во ЛШ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА