Германските медиуми минатата седмица објавија дека Флоријан Вирц го избрал Баерн Минхен како своја следна дестинација во кариерата и за одлуката веќе ги известил челниците на Баер Леверкузен, барајќи од нив да најдат заеднички јазик со баварскиот гигант околу висината на отштетата. Се шпекулира за сума од 100 милиони евра, но последните информации говорат дека овој трансфер не е веќе така сигурен, откако Пеп Гвардиола тргнал во офанзива за да го убеди Вирц да дојде во Манчестер Сити.
За интересот на „граѓаните“ се знаеше веќе неколку месеци наназад, откако Гвардиола го избра токму Вирц како свој фаворит за наследник на Кевин де Бруине во тимот на Сити. Трофејниот стратег бил разочаран по офанзивата на Баерн, но Пеп не се откажува од намерата, па во последните денови имал неколку разговори лично со Вирц, по што преселбата на Германецот на „Алијанц Арена“ не е веќе така сигурна работа. „Билд“ објави и дека Флоријан денеска отпатувал за Манчестер, каде имал средба со Гвардиола и со управата на Сити, што значително ги зголемува шансите за негова преселба во Премиер-лигата.
Манчестер Сити би платил 120 милиони евра (за 20 повеќе од Баерн) на Баер Леверкузен, воедно и би ја исполнил желбата на „фармацевтите“, кога веќе го продаваат најдобриот фудбалер, тоа да не биде на директен ривал од Бундес-лигата. За самиот Вирц е подготвен петгодишен договор со плата од 300.000 евра неделно, плус бонуси, па јасно е дека оваа трансфер-сага е далеку од завршена…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

