„Да постигнев гол од тој пенал, немаше да има војна во Југославија“ (ВИДЕО)

Поранешната легенда на југословенскиот фудбал, Фарук Хаџибегиќ, екс-фудбалер на Сараево, Бетис, Сошо и Тулуз со носталгија се сеќава на настапот на Југославија на Светското првенство 1990 година во Италија, кое беше последното големо натпреварување за поранешната селекција пред распадот на земјата.

Во селекцијата во која имаше врвни ѕвезди меѓу кои и нашите Дарко Панчев и Вујадин Станојковиќ, заедно со Драган Стојковиќ Пикси, Златко Вујовиќ, Сафет Сушиќ, Роберт Просинечки, Дејан Савиќевиќ, Зоран Вулиќ, но и Давор Шукер, Ален Бокшиќ, Роберт Јарни, а предводени од Ивица Осим, Југославија обезбеди место во четвртфиналето откако претходно во осминафиналето победувајќи со 2-1 ја елиминираше Шпанија.

И четвртфиналето со Аргентина во регуларниот дел и по продолженијата заврши без голови, па пеналите го одлучија победникот. Томислав Ивковиќ го одбрани пеналот на Диего Марадона, но Хаџибегиќ го промаши клучниот пенал и Аргентина се пласира во полуфиналето.

„Да немаше војна, ќе бевме шампиони на следното Светско првенство во САД во 1994 година. Би го кажал ова пред Богa и пред народот. Да постигнев гол во пеналот во Италија, убеден сум дека ќе стигневме до полуфиналето, а потоа верувам и до финалето. Ако беше така, да не звучи претенциозно, но мислам дека подоцна немаше да има војна. Сите во Југославија тогаш живееја за фудбалот“ – вели Хаџибегиќ и дополнува:

„Кога ќе погледнеме што се случува во светот денес, очигледно е дека ништо не е научено од историјата, дека не се научени лекции од поранешна Југославија. Ова е доказ дека политичарите сакаат војна, а не народот.“

Се вчитува...