Гостувајќи во најновата епизода на спортскиот подкаст „ПРЕСИНГ“, најтрофејниот македонски тренер и поранешен селектор, Ѓоко Хаџиевски зборуваше и на темата околу неговото селекторување со Б-репрезентацијата на Југославија на крајот од осумдесеттите години од минатиот век.
Хаџиевски открива дека, тогаш, во 1991-1992 година, кога веќе се насетувал распадот на Југославија, а Ивица Осим го најавил повлекувањето од селекторската функција, најголемата македонска фудбалска легенда, тогаш фудбалер на Црвена Звезда, за нов селектор на репрезентацијата на Југославија го предложил токму Македонецот Ѓоко Хаџиевски, кој на тој начин би бил прв македонски селектор на Југославија.
„Дарко Панчев на само седумнаесет години влезе во првиот тим на Вардар кај Вишњевац, и јас баш тогаш,на мои 27 години, потпишав со Вардар во 1982 година. Ние бевме четири-пет месеци заедно. Меѓутоа заминав во војска. Морав да заминам, немаше одлагање на таа возраст. И во меѓувреме се случија некои други работи. Јас се оженив, добив дете и место да останам во Вардар после војската отидов во Пелистер од Битола. А, Дарко го знам од тие денови“ – раскажува Хаџиевски и дополнува:
„Да потсетам уште една друга работа. Кога јас бев селектор на Б-репрезентацијата на Југославија, на многу играчи, на Билиќ и многу други сум бил селектор. Таа репрезентација имаше многу играчи кои беа до дваесет-три години, од кои се лиферуваа играчи во А -репрезентацијата на Ивица Осим. Кога Осим се повлече од А-репрезентација, заради војната која почна во 1991-1992 година…, јас бев во стручниот штаб на фудбалската репрезентација на Југославија за Европското првенство во Шведска во 1992 година. И, имавме задача со Топлак да ги следиме противниците наши во групата и да му даваме рапорт на Осим за Европското првенство. Меѓутоа како не вратија, не отидовме, и потоа имаше анкета во „Журнал“ и во „Спорт“: Кого го предлагате за нов селектор на репрезентација? Па Дарко Панчев, Пижон, Живадиновиќ мене ме предлагаа за селектор на А репрезентацијата на Југославија. Во „Журнал“ тогаш Дарко имаше изјава поддржувајќи ме мене како Македонец: „Ѓоко е, независно тоа што сум јас од Ц. Звезда а тој партизановец, одличен млад тренер кој што покажа со Вардар дека комотно може да биде селектор на репрезентацијата на Југославија“. Се очекуваше да бидам наследник на Осим, но потоа дојде распадот на земјата и јас бев поставен за прв државен капитен и селектор на македонската репрезентација од страна на ФСМ“ – се потсетува Хаџиевски.
ЦЕЛИОТ ПОДКАСТ „ПРЕСИНГ“ ГЛЕДАЈТЕ ГО ТУКА…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

