Многу лесно може да се случи македонскиот интернационалец Јани Атанасов вториот дел од оваа сезона да го следи од трибините, по заканите упатени од раководството на Хајдук дека ќе мора да потпише нов договор со сплитските „били“ или ќе биде отстранет од првата екипа.
Хајдук го доведе Леко за нов тренер, а сега фокусот е насочен кон играчкиот кадар, поточно кон фудбалерите чии договори истекуваат на крајот од сезонава. 23-Годишниот Атанасов е само еден од четворицата, заедно со Стефан Симиќ (27 години), Давид Чолина (22) и Марко Фосати (30 години), кои добија јасна порака, дека ќе мораат да потпишат нови договори ако сакаат да заиграат фудбал по зимската пауза.
„Сите имаат можност до 15 февруари да потпишат нов договор. Тоа е став на клубот што нема да го менуваме, спортскиот директор знае што треба да направи со оние кои нема да потпишат и кои ќе сакаат да си заминат бесплатно на крајот на сезоната“, изјави претседателот на Хајдук, Лукша Јакобушиќ.
Атанасов одигра само 560 минути за Хајдук сезонава, не беше стандарден првотимец кај претходните тренери, па останува да се види каква одлука ќе донесе македонскиот фудбалер, дали ќе се обврзе на верност кон сплитскиот клуб, или ќе почека на слободен трансфер летово, што ќе значи неиграње фудбал во наредните шест месеци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА