ЦСКА Москва поведе со 2-0 во четвртфиналната серија против Басконија, откако актуелниот европски првак повторно налета на сериозен отпор од шпанскиот претставник, но сепак најде начин да стигне до победата. Рускиот првак на крајот триумфираше до минимални 84-82, благодарение на поените на Кајл Хајнс на една секунда до крајот на натпреварот, по што сега на тимот на тренерот Итудис му е потребна само уште една победа на следните три меча за да дојде до билет за Ф4 турнирот во Истанбул.
Во меч кој многу наликуваше на првата пресметка од пред два дена, ЦСКА во неколку наврати стигнуваше до солидно водство, но гостите од Шпанија покажуваа фантастичен карактер и успеваа да се вратат. На три минути до крајот домаќините водеа со девет поени разлика (77-68), но Басконија направи огромен камбек и со тројката на Бобуа на 14 секунди до крајот израмни на 82-82 ЦСКА го имаше последниот напад, но откако Теодосиќ промаши на вистинското место се најде Хајнс, кој изнуди лична грешка, по што со две слободни фрлања на една секунда до крајот му ја донесе победата на актуелниот шампион на Европа.
Теодосиќ беше најефиксен кај ЦСКА Москва со 16 поени, пред Хајнс и Де Коло со по десет, додека прв стрелец на натпреварот беше гостинскиот плејмејкер Бобуа со 21 поен.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА