Хаким Ал Араби: Фудбалерот кој стана политичко прашање

Случајот на бахреинскиот фудбалер Хаким Ал Араби се повеќе ги окупира страниците на светските медиуми, а неговиот политички контекст ги надмина границите на спортот и стана меѓудржавно прашање во кое се вклучени три земји, Бахреин, Тајланд и Австралија.

Тој во моментов се наоѓа во затвор во Тајланд каде што чека екстрадиција во родниот Бахреин каде што е осуден на десетгодишна затворска казна. Бахреин по него има распишано меѓународна потерница. Затоа и властите во Тајланд го уапсија во ноември минатата година кога дојде во земјата на меден месец. Инаку Ал Араби е државјанин на Австралија каде што има добиено азил поради проблемите во Бахреин каде се соочи со властите кои ги критикуваше за тортура.

Во Бахреин е осуден за наводно вандалско однесување во полициска станица. Тој ги отфрли обвинувањата објаснувајќи дека во спорниот период бил на натпревар.

Организациите за човекови права застанаа во одбрана на Ал Араби, тврдат дека во Бахреин го очекува тортура, а можеби и смрт. Молба за ослободување до тајландскиот премиер испрати и неговата сопруга. Се вклучи и Азиската федерација, со огромно задоцнување што е разбирливо ако се има в предвид дека нејзин претседател е шеикот Салман Бин Ибрахим Ел Калифа кој е дел од кралското семејство на Бахреин. Апелот за ослободување на Ал Араби го подржаа и ФИФА, ФИФПро, Меѓународниот олимписки комитет како и Амнести интернешнал.

 

 

 

 

 

Се вчитува...