Ерлинг Халанд продолжи да импресионира во дресот на Манчестер Сити откако норвешкиот ас беше стрелец и на петтиот меч во низа во Премиер-лигата.
Халанд за пет рунди постигна десет гола во елитното англиско фудбалско друштво, нешто што му нема успеано на никого уште од Понго Варинг од Астон Вила, пред цели 96 години. Норвежанецот стигна до бројката од 100 гола за Манчестер Сити, што е навистина импресивно ако се знае дека тој е дел од „граѓаните“ нешто повеќе од две години, но во овој период веќе успеа да урне неколку клупски рекорди.
Тој има дадено по четири или повеќе голови против единаесет различни екипи во дресот на Сити. Омилен „пациент“ му е Вулверхемптон, кому Халанд му има дадено осум гола на четири меча, а по „волците“ следи Вест Хем со седум и Манчестер Јунајтед и Лутон со по шест.
Интересно, Халанд има дадено 12 гола против бундеслигашот Лајпциг, од кои шест како член на Борусија Дортмунд, а шест во дресот на Сити, во двомечот од ЛШ одигран пред две сезони.
Само за споредба, Халанд со вчерашниот гол стигна до 235 погодоци на 271меч, на возрат од 24 години и 63 дена. На истата возраст Роналдо имаше 117 гола на 313 натпревари за Спортинг и Манчестер Јунајтед, додека Лео Меси имаше 184 гола на 274 средби за Барселона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА