Ерлинг Халанд успева да урне по некој нов рекорд со секој натпревар што го игра во дресот на Манчестер Сити. Асот на „граѓаните“ викендов против Ливерпул стана фудбалер што најбрзо стигнал до 50 гола во Премиер-лигата, а по синоќешниот меч меѓу Манчестер Сити и Лајпциг тој е сопственик на уште еден извонреден рекорд.
Имено, Халанд стигна до бројката од 40 гола во Лигата на Шампионите, нешто неверојатно ако се знае дека дуелот со Лајпциг беше само 35. за Халанд во елитното европско натпреварување.
Со тоа, норвешкиот голгетер стана најбрзиот кој стигнал до 40 гола во ЛШ, уривајќи го досегашниот рекорд на легендарниот Алфредо ди Стефано, кој стигнал до оваа бројка по 41 меч во Лигата на Шампионите.
Зад Ди Стефано на оваа листа се Ван Нистелрој со 43 и Еузебио со 44 натпревари, по нив следи Килијан Мбапе, кому му требаа 49 средби за да стигне до 40 гола во ЛШ, додека на Меси и Левандовски им беа потребни по 50 средби за да ја заокружат оваа бројка на голови во елитното натпреварување.
Халанд моментно се наоѓа на 20. место на листата на најдобри стрелци во историјата на ЛШ, но наскоро ќе се искачи за една позиција, ако се знае дека на 19. позиција се наоѓа Серхио Агуеро со само еден гол повеќе од Норвежанецот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА