Ерлинг Халанд има извонреден старт на кариерата во Манчестер Сити, постигнувајќи 31 гол на првите 28 средби за „граѓаните“, севкупно во сите натпреварувања.
Норвежанецот имаше меч за заборав против Тотенхем, дуел во кој Халанд немаше ниту еден допир со топката во противничкиот шеснаесетник, ниту пак удар кон голот, што беше доволно за да се појават критики на негова адреса. Поранешниот фудбалер на Ливерпул, Џејми Карагер, тврди дека Халанд направил грешка при изборот на клуб бидејќи тешко ќе се снаоѓа во системот на игра на „граѓаните“.
„Свесен сум дека ќе бидам критикуван за ова што ќе го кажам, знам дека тој веќе има постигнато толку многу голови за Сити, но ако мене ме прашате, тој го избра погрешниот клуб. Халанд и Манчестер Сити се погрешна комбинација и за фудбалерот и за самата екипа. Не се сомневам дека тој ќе даде уште многу голови, но начинот на игра на Сити не му одговара. Се помалку се топките што ги добива во простор, таму Халанд е најопасен, но противниците се свесни за тоа и го бранат просторот меѓу последните дефанзивци и голманот. Сите зборуваат за многуте голови на Ерлинг, но да ги видиме бројките – Сити сезонава има 53 гола, исто толку имаше и лани кога играше без класична деветка. Тоа е нивниот стил на игра по кој беа препознатливи и незапирливи, сега се повеќе се предвидливи бидејќи се знае дека топката во даден момент ќе оди кон Халанд, противниците тоа го читаат и го блокираат. Од друга страна, нарушен е колективот, а тоа се одразува врз одбраната, лани Манчестер Сити во овој дел од сезоната имаше примено само 13 погодоци, сега таа бројка изнесува 21. Не велам дека Халанд е виновен, ниту пак дека Гвардиола е виновен што Халанд не дава уште повеќе голови, но сметам дека фудбалерот нема да го достигне сиот свој потенцијал играјќи за Сити, а од друга страна, и Манчестер би играл многу подобро со офанзивец со поинакви карактеристики, кој би дал помалку голови од Халанд, но би бил дел од посилен колектив“, вели Карагер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

