Халанд ја одведе Норвешка на Мундијал, засрамената Италија пак ќе игра бараж

Норвешка по долга пауза повторно ќе биде дел од еден фудбалски мундијал, откако оваа скандинавска маестрално ги одигра сите натпревари во групата И, завршувајќи ја со маестрални осум победи на осум меча. Пласманот беше крунисан со победа на гостински терен над Италија од убедливи 1-4, уште еден доказ за извонредната форма на Норвежаните, но и за кризата во која се наоѓа италијанскиот национален тим и по доаѓањето на Гатузо на кормилото на „аѕурите“.

Италија влезе во мечот со невозможна мисија пред себе, знаејќи дека мора да слави со најмалку девет гола разлика ако сака да ја прекокне Норвешка на табелата. Еспозито даде гол во раната фаза од мечот, но гостите потоа рутински се бранеа, за во второто полувреме да направат и целосен пресврт, најпрвин Нуса го израмни резултатот, за потоа Халанд двапати да стрела прецизно, пред резервистот Ларсен (влезе место Халанд во 89. минута) во судиското продолжение да стави печат на историскиот успех на оваа скандинавска селекција.

За Италија ова ќе биде нов мундијалски бараж, откако пред четири години на патот на „аѕурите“ им застана Македонија со победа во Палермо. А ако се земе во предвид формата на овој поранешен светски првак, Италијанците со право стравуваат дека би можеле да пропуштат уште едно големо натпреварување.

Се вчитува...