Симона Халеп повторно се наоѓа на само еден чекор до искачување на врвот на ВТА-листата, откако Романката се пласираше во финалето од турнирот во Синсинати. Халеп со маестрална партија успеа да ја совлада Слоун Стивенс 6-2, 6-1, па во битката за трофејот ќе се сретне со Гарбине Мугуруза. Шпанката во својата полуфинална пресметка славеше над Каролина Плишкова, која е бранителка на трофејот во Синсинати, воедно и прворангирана во светот во моментов.
„Добро се познавам со Мугуруза, па иако не сме играле официјален меч две години се случува да тренираме заедно. Очекувам одлично финале и доколку ја повторам играта од дуелот со Стивенс, да стигнам до пехарот“ – истакна Романката.
Халеп се наоѓаше на една победа до врвот на ВТА-листата во два наврати сезонава, во финалето од Ролан Гарос и во четвртфиналето од Вимблдон, но паѓаше пред тој предизвик.
„Секако дека постои притисок, но знам дека доколку сум доволно добра ќе се случи да дојдам на врвот. Сега имам нова шанса, ќе сторам се за да ја искористам“ – оптимистички е расположена Симона Халеп.
На машкиот дел од турнирот во Синсинати во финалето ќе се сретнат Григор Димитров и Ник Киргиос.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА