Халеп со победнички старт на Ролан Гарос

Тенисерката број еден во светот, Симона Халеп, мораше да прави пресврт во дуелот од првото коло на гранслем-турнирот Ролан Гарос против Американката Алисон Риске и запиша победнички почеток на новиот обид конечно да дојде до титула од најголемите турнири.

Риске го доби воведниот сет со 6-2 во гемови, но Халеп фуриозно ги одигра следните два сета во кои и препушти на противичката само по еден гем. Во првиот сет, Халеп направи дури 16 неизнудени грешки, но потоа доби девет од следните десет гема и комплетно ја презеде контролата.

Симона Халеп е двојна финалистка на Ролан Гарос. Таа во последните седум месеци е водечка на ВТА листата и покрај тоа што нема титула на престижните гранслем турнири. Минатата година во Париз, Романката во финалето загуби од Јулија Остапенко која пак годинава е елиминирана уште во првото коло.

Првото коло на Ролан Гарос го мина и четвртата турнирска носителка, Елина Свитолина, како и двојната шампионка од Вимблдон, Петра Квитова.

 

Се вчитува...