Водечката тенисерка на ВТА листата, Симона Халеп, откри дека одлуката да ги намали градите и помогнала денес да биде број еден во „белиот“ спорт.
Романката направи оперативен зафат уште додека беше малолетна, во април 2009 година. Уште тогаш Халеп истакнуваше дека се чувствува многу „поудобно“ во новото издание и дека големите гради и правеле огромни проблеми, посебно на основниот удар.
„Кога се решеив на тој потег, тоа го направив поради тенисот и можеби токму тоа беше важно на патот денес да бидам прва тенисерка во светот. Тоа беше мојата најголема жртва, бидејќи отсекогаш го сакав тенисот и никогаш не ми беше тешко да одам на тернинг “ – открива Халеп во интервјуто за „Sports Illustrated“.
Романската тенисерка стигна до првото место на светската ранг-листа во октомври минатата година, а сега се надева и на својата прва гран-слем титула. На почетокот на годината Халеп загуби во финалето на Австралија Опен, а нов предизвик за првиот женски рекет е настапот на Ролан Гарос.
„Го обожувам Париз и се што е врзано за турнирот на Ролан Гарос. Знам дека еден ден ќе го освојам, треба само да бидам трпелива и да верувам во успехот“ – вели Симона Халеп.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА