Вардар и по третпат ја совлада Шкендија во овој шампионат, одлепувајќи се на седум бода предност во однос на тетовскиот тим на врвот на табелата. Избраниците на Гоце Седлоски доминираа во секој поглед на неделното дерби, а ерменскиот интернационалец Хофханес Хамбарџумјан вели дека тоа и потврдиле дека се најдобри во Македонија.
„Сите дадовме сѐ од себе да го победиме ова дерби. Секој триумф на некој начин е важен, ама ова беше многу важна победа за Вардар. Покажавме дека сме најдобри во моментов, но исто така знаеме и свесни сме дека мораме да влегуваме максимално во секој натпревар. Дека не смее во ниту еден момент да има опуштање затоа што до крајот на сезоната има уште многу“, вели ерменскиот десен бек за официјалниот сајт на клубот.
По само два дена, в среда, следи нова пресметка меѓу Вардар и Шкендија на „Телеком Арена“, овојпат во рамките на Купот на Македонија.
„Среќни сме за победата, и сега нема време за да мислиме на овој меч затоа што веќе во среда играме уште еден меѓусебен натпревар во рамките од Купот. Секако дека нашата цел покрај освојување на првенството е и трофејот во Купот и затоа треба да се подготвуваме за уште едно дерби кое доаѓа многу брзо. Ги повикувам навивачите да дојдат во среда да ни дадат поддршка, и се надевам дека на крајот ние повторно ќе бидеме победници“, дополнува Хамбарџумјан.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА