Лекарскиот тим на Баерн Минхен има полни раце работа откако на долгата листа на повредени играчи се приклучи и Хамес Родригез. Колумбискиот ас заработи повреда на вчерашниот тренинг, а деталните прегледи донесоа лоша вест за стручниот штаб – Хамес ги има скинато лигаментите на левото колено, па сега ќе мора да мирува извесно време.
Среќна околност е што не станува збор за вкрстените, туку за латералните лигаменти, па паузата нема да изнесува шест месеци. Хамес ќе мора целосно да мирува во следните десет дена, по што ќе следи нова лекарска контрола. Според првичните информации, паузата на Родригез од терените нема да биде подолга од еден месец, но во период на резултатска криза на Баерн јасно е дека неиграњето на неколку натпревари на колумбискиот ас ќе биде дополнителна главоболка за тренерот Нико Ковач.
По репрезентативната пауза хрватскиот стратег нема да може да смета ниту на Тијаго и на Толисо, во блиска иднина се очекува и камбекот на Коман, а се следи и ситуацијата со Арјен Робен, кој пропушти неколку натпревари поради ситна повреда што не му е целосно санирана.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА