Денешниот ден не носи убави вести за фановите на Реал Мадрид, најпрвин утрово весникот „Ас“ објави дека европскиот првак се откажува од намерата за ангажман на Еден Азар, за попладнево да пропаднат плановите за уште едно квалитетно засилување откако Хамес Родригез обелодени дека и наредната сезона ќе ја мине во дресот на Баерн Минхен.
Колумбиецот се наоѓа на двогодишна позајмица на „Алијанц арена“, дел од медиумите тврдеа дека самиот фудбалер инсистира да му биде дозволено да се врати назад во Мадрид, но Хамес стави крај на сите шпекулации поврзани со неговата иднина.
„Се чувствувам задоволно кога ќе погледнам назад на мојата прва година со Баерн, но сакам да освојам уште повеќе трофеи со овој клуб. Имаме исклучително хомогена екипа со која се е возможно, од се срце сакам да ја освојам Лигата на шампионите и како член на Баерн. Свесен сум дека постојат бројни шпекулации околу моето заминување, но токму затоа сакам да кажам дека сум среќен во Минхен и размислувам само за Баерн и за ниту еден друг клуб“ – истакна Родригез.
Баерн Минхен во наредниот дуел во САД ќе се сретне со Манчестер сити, но Хамес Родригез нема да настапи за баварскиот гигант на овој натпревар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА