Луис Хамилтон стигна до нова победа во Формула 1 шампионатот откако Британецот ја искористи пол-позицијата за триумф на легендарната патека „Спа“, на трката за Големата Награда на Белгија. Екс-шампионот извозе одлично, не дозволувајќи им на ривалите да му ги замрсат сметките.
Тој имаше одличен старт, оставајќи го зад себе најголемиот противник Себастијан Фетел. Германецот во неколку наврати се приближуваше, но Хамилтон не дозволи да биде изненаден, целосно контролирајќи ја оваа трка.
Најинтересниот момент се случи на петнаесетина кругови до крај, кога дојде до судир меѓу двајцата возачи на Форс Индија, Окон и Перез, по што Мексикаецот прерано ја заврши трката, додека Окон загуби неколку позиции, а на патеката мораше да влезе сигурносно возило. По повлекувањето на ова возило дојде до бркотница во која најдобро се снајде Рикиардо, искачувајќи се на третото место на сметка на Валтери Ботас, кој од третата позиција за неколку секунди падна на петтото место, зад Кими Раиконен. Шестото место му припадна на Нико Хулкенберг, а во Топ 10 уште се пласираа Грожан, Маса, Окон и Саинц.
Себастијан Фетел останува на чело во генералниот плсман со 220 бода, Хамилтон со најновата победа дојде на „минус седум“, додека третопласиран е Ботас со 179 бода.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА