Хамилтон: Ја посакувам титулата повеќе од кога и да е

Актуелниот шампион во Формула 1, Луис Хамилтон, изјави дека е максимално мотивиран во пресрет на трката за ГН на Франција што ќе се вози викендов, но и за одбраната на шампионската титула. Британецот ја загуби лидерската позиција во генералниот пласман откако заврши петти на претходната трка во Монтреал на која триумфираше неговиот главен ривал, Себастијан Фетел од Ферари.

„Има многу нешта кои ме мотивираа. Желбата да го освојам овој шампионат е посилна од се друго. Имам различни интереси во животот, но ништо од тоа не би било возможно без трките. Натпреварувањето ми е над се друго. Толку многу време посветив на тоа, жртвував многу работи за да бидам таму каде што сум сега и го сакам тоа што го работам. Ги обожувам трките и предизвиците“ – истакнува Луис Хамилтон.

По несигурните настапи на последните две трки во Монако и во Канада, Британецот не е сигурен како ќе се одвиваат работите викендов во Франција, но се надева на победа.

„Немам претстава како ќе се одвива трката, дали ќе биде здодевно како во Монтреал или пак ќе биде многу поинтересно. Може ли да се добие како во Баку? Немам никаква престава. Сепак, се надевам дека ќе биде добро“ – вели Хамилтон.

Трката за ГН на Франција ќе се вози на 24 јули на патеката „Пол Рикар“ и е осмо натпреварување во календарот на Ф1 шампионатот.

Се вчитува...