Хамилтон: Конечно по 13 години, првпат добив комплимент од Ферари

Крајот на сезоната во Формула 1 шампионатот не носи неизвесност, но турбуленции предизвикаа објавите за состаноци меѓу Луис Хамилтон и Ферари. На последниот викенд од сезоната во Абу Даби, актуелниот шампион ќе ја има пол позицијата, прва по неколкумесечна пауза и ќе се обиде победнички да го затвори првенството.

Во меѓувреме не стивнуваат реакциите откако и Мерцедес се огласи за состаноците на ѕвездата на тимот со најлутиот ривал. Повод за средбите наводно бил фактот што на Хамилтон по крајот на следната сезона му истекува договорот со Мерцедес.

Прашан во овој контекст, шефот на Ферари, Матиа Биното само изрази почит кон Хамилтон.

„Луис навистина е неверојатен, фантастичен возач. Тоа што ќе биде слободен во 2021 година, не прави среќни, но искрено, премногу е рано за било каква одлука“ – рече Биното.

Од друга страна пак, специфична беше реакцијата на Хамилтон, кој се пошегува дека конечно се случило првпат во кариерата некој од Ферари да го пофали.

„Ова е првиот комплимент што сум го добил од Ферари по 13 години. Не паметам дека некој од овој тим ме има споменато воопшто некогаш. Пријатно е по сите овие години. Тоа е тим кој секогаш сум го почитувал и нивната пофалба навистина ми значи“ – вели Хамилтон.

 

 

Се вчитува...