Актуелниот светски шампион во Формула 1, Луис Хамилтон, верува дека моторите ќе играат клучна улога во Ф1 шампионатот во 2018, поради новите правила кои дозволуваат само три мотори по возач за целата сезона.
Минатата година возачите имаа право да користат четири примероци од секој од шесте елементи на погонските единици, а најдобро постигнување имаше Мерцедес кој само кај Хамилтон искористи петти мотор по инцидентот во квалификациите.
Хамилтон ги заврши сите 20 трки и на сите освои бодови со што стана втор светски шампион во историјата на Ф1 со вакво постигнување. Британецот верува дека Мерцедес може да ја задржи неверојатната сигурност и константност што ја покажаа во 2017 и смета дека токму моторите може да го решат првенството.
„Планираме да ги извозиме сите кругови, тоа е нашата цел. Се разбира дека ќе биде тешко тоа да се реализира со само три мотори, но планираме да го сториме. Верувам дека тимот може иако задачата е голема. Можеби 2017 беше златна година за нас во однос на сигурноста, нема причина да не го повториме тоа. Мислам дека меѓу нашите и моторите на Ферари и на Рено, тоа потенцијално би можело да биде нешто што ќе го реши првенството. А, како што реков, планираме да ја завршиме секоја трка“ – изјави Луис Хамилтон.
За сигурноста на моторите на Мерцедес најдобар показател е фактот што во целата сезона во 2017 од шесте болиди што ги користат овие мотори (Мерцедес, Форс Индија, Вилијамс) само еднаш некој се откажал поради дефект на моторот – Валтери Ботас на трката во Шпанија. Тоа е само еден дефект во 120 настапи.
„Ќе биде уште потешко да се повтори ова што го постигнавме во 2017, но ако работиме со истиот пристап, тоа е достижно“ – вели Хамилтон.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА