Хамилтон „недопирлив“ во Унгарија

Луис Хамилтон се зацврсти на чело на генералниот пласман во Формула 1 шампионатот откако актуелниот првак забележа нова победа, овојпат на трката за ГН на Унгарија. Британецот цел викенд делуваше импресивно на патеката „Хунгароринг“, па денешната пол-позиција без многу мака ја претвори и во конечен триумф.

Хамилтон водеше од почеток до кај, додека неговиот тимски колега Валтери Ботас во поголемиот дел од трката одлично му го „чуваше грбот“ од втората позиција, овозможувајќи му на британскиот ас да ја зголеми и предноста во генералниот пласман во однос на Себастијан Фетел.

На пет круга до крајот се случи и инцидент откако дојде до судир меѓу Ботас и Фетел од кој подебелиот крај го извлече возачот на Мерцедес, кој експресно беше минат и од двата болиди на Ферари. Два круга подоцна Ботас повторно беше вклучен во инцидент, овојпат при судир со Рикиардо, за што стјуардите најавија истрага по завршување на трката.

Фетел на крајот може да биде и задоволен од денешната втора позиција, пред тимскиот колега Кими Раиконен, зад кого следеа Рикиардо, Ботас, Гасли, Магнусен, Алонсо, Саинц и Грожан.

Хамилтон сега има 213 бода на чело на генералниот пласман, пред Фетел со 189 и Раиконен со 146 бода.

Се вчитува...