Луис Хамилтон во втората овосезонска трка стигна до првата победа од Формула 1 шампионатот, откако актуелниот првак извозе перфектно на второто австриско гран-при во ревидираниот календар на „летечкиот циркус“. Стартувајќи од пол-позицијата, Хамилтон се задржа на чело на колоната, имаше целосна контрола над случувањата на патеката, на крајот стигнувајќи до заслужена победа по четвртото место што го освои на отворањето од сезонава.
И денешната трка донесе фијаско за Ферари, откако двата болиди на италијанскиот тим се судрија уште во првиот круг. Виновен беше Леклер, кој се обиде да продолжи, но на крајот и тој и Фетел ги паркираа болидите во гаражата, за заокружување на уште еден катастрофален викенд за овој тим.
Најинтересна беше битката за второто место, кое долго време му припаѓаше на Ферстапен. Сепак, Валтери Ботас трпеливо ја чекаше својата шанса, на неколку круга пред крајот успеа да го мине асот на Ред Бул и да осигура еден-два триумф на Мерцедес. Ферстапен на крајот мораше да се задоволи со третата позиција, а зад него се најдоа Албон, Норис, Перез, Строл, Рикиардо, Саинц и Квијат.
Следната трка од Формула 1 шампионатот ќе се вози на патеката Хунгароринг во Унгарија на 19 јули.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА