Возачот на Мерцедес, Луис Хамилтон, пред трката за ГН на Монако што ќе се вози викендов, откри кој ќе му биде главен ривал за престижниот трофеј. Хамилтон истакна дека најсилна конкуренција на патеката ќе му биде Даниел Рикиардо во болидот на Ред Бул.
„Ќе биде многу тешко да се победи Рикиардо во силниот нов Ред Бул, на неговата омилена патека. Ако го погледнете неговото возење на трката во Шпанија, тој беше многу побрз во последниот сектор. Ред Бул ќе бидат многу брзи во Монако“ – изјави Луис Хамилтон.
Дека Ред Бул е во „добра кондиција“ пред трката во Монако потврди и Даниел Рикиардо. Австралиецот е задоволен од брзината на болидот и се надева дека овој пат нема да ја испушти шансата како што му се случи тоа во 2016 година кога грешката во питстопот го чинеше победа.
„Во Барселона имавме охрабрувачка брзина во третиот сектор, кој е многу сличен со патеката во Монако. Ќе сториме се што можеме. Се надевам дека ќе и се реванширам на судбината“ – најави Рикиардо.
По првите пет трки од годинашниот шампионат во Формула 1, во конкуренција на возачи, во водство е Себастијан Фетел од Ферари со 54 бода, пред двоецот од Мерцедес – Луис Хамилтон со 45 и Валтери Ботас со 40 бода. Рикиардо е на четвртата позиција со 37 бода.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА