Формула 1 шампионот, Луис Хамилтон мораше повторно да му го препушти водството во генералниот поредок на големиот ривал, Себастијан Фетел по серијата пехови што му се случија на трката за големата награда на Австрија. Британецот уште на стартот ја презеде лидерската позиција и имаше водство и изгледаше дека ќе забележи триумф се додека не се соочи со големата грешка во стратегијата дополнета со проблеми со горивото и пневматиците. Хамилтон мораше да се повлече, Фетел заврши на третото место и сега Германецот има еден бод предност во вкупниот пласман.
„Не смееме да расфрламе бодови. Имавме многу несреќен ден. Сепак имам доверба во тимот, сигурен сум дека ќе се вратиме“ – вели Хамилтон кој сепак тешко ја криеше нервозата во текот на трката во Австрија особено кога на тимското радио му соопштија дека направиле погрешна проценка за стратегијата.
Сепак подоцна се покажа дека промашената стратегија не е пресудна бидејќи Хамилтон имаше и проблеми со гумите и мораше дополнително да влегува во пит стопот. Се повлече на осум круга пред крајот. И вториот пилот на Мерцедес, Валтери Ботас, не ја заврши трката. На Мерцедес не му се случило двете возила да не завршат трка од 2016 година во Шпанија.
Хамилтон ќе се обиде да им се врати на победите на домашен терен, на осми јули е следната трка, а ќе се вози за Големата награда на Британија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА