Луис Хамилтон ја отфрли можноста за доаѓање на Фернандо Алонсо во Мерцедес додека е тој во тимот затоа што нивниот однос додека беа тимски колеги во 2007 година бил „отровен“. Британецот открива детали од тоа време и нагласува дека Алонсо и е потребен на Ф1, но дека ќе биде погрешен потег ако тие двајца повторно се стават во ист тим.
„Ако ставите двајца шампиони во иста екипа, ќе имате борба внатре во тимот. Секој ќе се обидува да биде најдобар и ќе нема отстапување во ниеден свиок. Меѓу нас имаше премногу тензии“ – вели Хамилтон.
Тројниот светски шампион дебитираше во Формула 1 пред десет години и уште во првата сезона ги импресионира многумина во овој спорт. Единствен во Мекларен што не беше среќен поради тоа, тогаш беше Фернандо Алонсо. Двојниот шампион не можеше да поднесе да губи од својот неискусен колега. Тоа предизвика серија недоразбирања и конфликти меѓу нив таа сезона и на крај ја загубија шампионската титула иако на располагање имаа победнички болид.
Десет години подоцна, Алонсо е во потрага за конкурентен болид, но Хамилтон ја отфрла можноста за негово доаѓање во Мерцедес иако според некои најави Шпанецот може да се пресели во германскиот тим.
„Не се работи само за мене. Мојот однос со Фернандо беше „отровен“ и се одрази и на целиот тим. Да, тоа беше лично. Со некои луѓе се согласуваш, а со некои едноставно не можеш никако да бидеш заедно“ – признава Хамилтон.
Сепак, Луис Хамилтон се надева дека Алонсо ќе остане во Ф1 и дека повторно ќе има конкурентен болид.
„Формула 1 е спектакл и малку се возачите кои можат да и направат такво шоу. Тоа сме Алонсо, Фетел и јас. Добор за Ф1 е Фернандо да вози и се надевам дека ќе ги реши своите проблеми што поскоро“ – вели возачот на Мерцедес.
Луис Хамилтон моментно е на второто место во генералниот пласман на возачи со 12 бода помалку од водечкиот Себастијан Фетел.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА