Самир Ханданович е подготвен да му каже збогум на фудбалот и да означи крај на блескавата кариера во која искусниот голман освои бројни трофеи.
Тој до ланската сезона беше член на Интер, но „нероаѕурите“ решија да направат целосен ремонт на голманската позиција, воопшто не нудејќи му нов договор на 39-годишниот ветеран. Ханданович во последните неколку месеци беше во исчекување на нов ангажман, но откако не доби понуда каква што посакуваше реши да стави крај на играчката кариера.
Тој останува врзан со фудбалот, и тоа повторно во Интер, откако италијанските медиуми објавија дека Ханданович добил интересна понуда да се врати назад на „Џузепе Меаца“. Словенецот не би бил тренер, туку „советник за голмани“, односно би ги надгледувал тренинзите и настапите на чуварите на мрежата на Интер, воедно и би ги следел трансфер-желбите на Симоне Инзаги за оваа позиција и би давал препорака кој играч да биде потпишан.
Во ситуација кога нема повеќе да брани, оваа понуда е и повеќе од интересна за Ханданович, кој би требало да ја прифати најдоцна до крајот на овој месец и да се врати назад во таборот на Интер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

