Хаос: Германија има дванаесет позитивни ракометари на ЕП 2022, проблеми и за Русија и за Шведска

Коронавирусот продолжува да им создава проблеми на селекциите што се учеснички на европскиот шампионат, а најпогодена во моментов е Германија.

Ракометната Федерација на Германија денеска потврди дека нови три случаи на вирусот се евидентирани непосредно пред почетокот на главната рунда, а „Скај“ објави дека станува збор за Кристоф Стајнерт, Себастијан Хејман и Џибрил Мбенге. Германците секојдневно повикуваат нови ракометари, а со ова трио бројот на заразени од почетокот на шампионотот скокна на дури дванаесет.

Останува да се види кого селекторот Гисласон ќе повика како најнова резерва, откако во последните денови и второлигашки ракометари се приклучија на националниот тим. Германија утре ја очекува дуел со бранителот на трофејот Шпанија, на кој Германците со комбиниран тим ќе имаат тешка задача да го земат скалпот на актуелниот европски првак.

Русија без „џинот“ против Шведска

Русија утре ќе излезе на мегдан со Шведска, но „зборнаја“ ќе биде сериозно ослабена поради неиграњето на Сергеј Косоротов. Овој 22-годишен ракометар беше позитивен на коронавирус и најверојатно ќе ја пропушти целата главна фаза, почнувајќи од дуелот со Швеѓаните. Косоротов е најдобар стрелец на Русија на овој шампионат со 17 погодоци и јасно е дека неговото отсуство ќе остави силна трага врз играта на неговата репрезентација.

На спротивната страна, Шведска исто така ќе биде ослабена поради неиграњето на Никлас Екберг од Кил, кој беше позитивен на последното тестирање и веднаш беше заменет со Исак Персон.

Се вчитува...