Црвена Звезда не дозволи да го претрпи и третиот пораз сезонава во АБА-лигата откако славеше на дербито во Подгорица против Будуќност со резултат 73-75. За жал, мечот наместо по кошаркарските квалитети и потезите ќе остане запаметен по бројните инциденти поради кои натпреварот траеше повеќе од три часа, период во кој беше и испразнета една од трибините.
Страстите зовреа во третата четвртина, по тешката повреда на коленото на гостинскиот центар Џоел Боломбој. Нервите ги загуби претседателот на Црвена Звезда, Жељко Дрчелиќ, судиите побараа тој да биде отстранет од салата, а откако Дрчелиќ десетина минути одбиваше да го стори тоа, на крајот со помош на обезбедувањето беше избркан од теренот. Хаосот продолжи и во наредниот период, а следеше и прекин од дваесетина минути откако по нова рунда пцовки кон Немања Недовиќ од домашните фанови, судиите го прекинаа мечот и се повлекоа во соблекувалната заедно со кошаркарите на Црвена Звезда.
Кога спорната трибина беше испразнета дуелот продолжи, двата тима беа надвор од посакуваниот ритам, а на крајот победата од линијата за слободни фрлања ја донесе Милош Теодосиќ. Будуќност имаше напад за победа при 73-74, Мекинли Рајт не реализираше положување, по што Гидраитис од линијата за слободни фрлања ги постави конечните 73-75.
Немања Недовиќ беше главна фигура во победничкиот тим со шест погодени тројки од осум обиди, за вкупно 24 поени. Милер Мекинтаер го заврши мечот со 13 поени, 7 скока и 7 асистенции, а Мекинли Рајт со 20 поени беше прв стрелец на Будуќност во првиот пораз сезонава во АБА-лигата на црногорскиот шампион.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА