Хаос на повидок во Барса: Ветераните му го свртеа грбот на Лапорта, „виси“ и трансферот на Левандовски

Финансиската криза во Барселона може да предизвика нов колапс на каталонскиот гигант, сличен на оној ланскиот кога Лионел Меси мораше да си замине бидејќи Барса не можеше да остави простор во буџетот за плати за да го регистрира Аргентинецот за настап во Ла Лига.

Каталонците веќе ги договорија првите две летни засилувања, Кристенсен од Челси и Кеси од Милан, но двајцата играчи исто како и Меси не можат да бидат регистрирани поради лимитираниот буџет за плати во клубот. Лапорта повика на трпение, но претседателот на клубот се соочи со сериозен удар откако тројцата капитени на екипата, Жерар Пике, Серхио Бускетс и Жорди Алба, одбија да им бидат намалени платата. Ветераните досега двапати прифаќаа намалување на примањата за време на кризата со коронавирусот, но овојпат експресно го откачиле претседателот.

Нивниот став е јасен, ако се нема пари, треба да се располага домаќински со буџетот, а во случајот на Лапорта, тој сака да крати пари од сегашните играчи за да носи нови, што е неприфатливо за Пике, Бускетс и за Алба.

Во една ваква ситуација, Барселона нема преголем простор за маневар, а сериозно виси и најавениот трансфер на Роберт Левандовски од Баерн. Полјакот е договорен за плата од 30 милиони евра по сезона, сума што не би се покрила и доколку си заминат Дембеле и Френки де Јонг.

Лесно може да се случи Барселона повторно да биде огромен губитник во летниот преоден рок, јасно е дека ветераните немаат намера да го сменат ставот, а Лапорта нема „џокери“ во ракавот што би можеле да дадат зелено светло за комплетирање на овие мегатрансфери.

Се вчитува...