Финишира европското првенство во Хрватска, а веќе од понеделник погледите ќе бидат повторно свртени кон клупскиот ракомет. И додека Вардар со нетрпение го очекува продолжението за да се обиде да ја продолжи извонредната серија во Лигата на шампионите, сосема поинаква е ситуацијата во редовите на Металург, со оглед на реалната опасност актуелниот вицепрвак да остане без речиси цела екипа.
Прв нога повлече пивотот Костадин Петров, кој се пресели во Пелистер, на тоа се надоврза Црногорецот Анѓелиќ, селејќи се во унгарски Ференцварош, за во текот на вчерашниот ден српските ракометни медиуми да се пофалат дека Дарко Арсиќ се вратил назад во својата татковина, потпишувајќи договор со Металопластика.
Самиот податок дека ниту еден од тројцата не прави трансфер во „поголем клуб“ доволно говори за проблемите на Металург, за кои постои сериозна опасност во следните десетина дена да станат уште поголеми. Имено, блокираните сметки поради активираните судски пресуди за долговите кон поранешните ракометари не најавуваат светла иднина, туку напротив – нови заминувања. Загреб веќе искажа интерес да го доведе Јагањац како замена за Мандалиниќ, за заминување размислуваат и останатите странци, а неизвесна е и судбината на домашните играчи.
Пешевски минатото лето го одби Бешикташ за да остане во Автокоманда, но турскиот гигант се уште се интересира за македонскиот пивот, најмалку две понуди се веќе пристигнати и за Мартин Велковски, додека договорениот трансфер на Филип Кузмановски во Магдебург за 2019 година би можел да се реализира и многу порано доколку работите во Автокоманда не мрднат во позитивна насока.
На сето ова се надоврзува и неизвесната иднина на Лино Червар, откако Хрватот во изминатите 15 дена неколку пати во Загреб беше прашан за својот следен потег на клупски план, но умешно го избегнуваше одговорот. Тој ионака извесно време беше попосветен на Хрватска отколку на Металург, но сега побара дополнителни десетина дена за да размисли за иднината. За очекување е во овој период тој да има и конкретни разговори со сопственикот Јорданов, по што трофејниот стратег би ја донел и својата конечна одлука.
„Металурзите“ во своите редови имаат уште помлади играчи кои би им помогнале да ја довршат сезоната, но јасно е дека со самото тоа значително би паднале и клупските амбиции, речиси невозможна би станала битката за второто место, а со самото тоа и учеството во СЕХА-лигата.
Слични проблеми имало и претходно, но тогаш прашањето било кој ќе си замине, сега во Автокоманда се прашуваат има ли некој што ќе остане… Жално е што клубот кој не така одамна стигнуваше до четвртфиналето од Лигата на шампионите сега се бори за гол живот и се поставува прашањето ќе се најде ли некој што ќе го запре колапсот на „металурзите“. За одговорот нема многу време, доколку се сака да се задржат овие играчи што се под договор, а веќе ги разгледуваат опциите за продолжување на своите кариери.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА