Хаос во Хајдук: Си заминаа и претседателот и тренерот

Огромна криза го тресе Хајдук откако сплитскиот гигант долго време беше на врвот на табелата, но серијата слаби резултати придонесе сплитските „били“ да останат без трофеј.

Двата пораза во низа од Динамо Загреб беа потврда за кризата во играчкиот кадар, а откако синоќа беше претрпен пораз и на дербито со лидерот Ријека стана јасно дека нешто мора да се менува. Промените се коренити, па така утрово разрешен од претседателската функција беше Лукша Јакобушиќ. Тој беше на чело на управата на Хајдук од 2020 година и важеше за носител на овој проект, но денеска беше сменет со одлука на Надзорниот Одбор на клубот. За ВД-претседателка е именувана Маринка Акрап, а Надзорниот Одбор на денешната прес-конференција најави „доаѓање на сериозен човек на претседателската функција од наредната сезона“.

Попладнево отказ доби и тренерот Мирослав Кароглан, кој очекувано ја плати цената за серијата порази на клучните натпревари. Кароглан понудил оставка и по поразот од Динамо во Купот на Хрватска, тогаш таа била одбиена, но по најновиот неуспех во Ријека била донесена одлука за тренерска смена на „Пољуд“.

На местото на Кароглан тимот на следниот меч ќе го води неговиот досегашен асистент Јуре Иванковиќ, а дополнително ќе биде донесена одлука дали Иванковиќ ќе ја доврши сезонава или ќе биде ангажиран нов стратег за последниот месец од овој шампионат.

Се вчитува...