Хаос во Хрватска, објавена снимка од ВАР-собата: „Одете во к..ац сите заедно!“ (ВИДЕО)

Трката за шампионската титула во Хрватска, се чини, никогаш не била подраматична. А, дополнително подгревање на сето тоа е скандалот кој го тресе деновиве хрватскиот фудбал по мечот меѓу Вараждин и Хајдук на кој сплиќаните ремизираа 1-1 и пропуштија можност да избијат на врвот од табелата.

Хрватската јавност е згрозена по излегувањето на снимките од ВАР-собата од овој дуел, за голот за водство на Вараждин пред кој од Хајдук сметаат дека имало прекршок над Марко Ливаја, како и за поништениот гол на Ливаја за победа на Хајдук во 78. минута.

Од Хајдук претходно соопштија дека главниот судија Фран Јовиќ морало да добие повик од ВАР-собата за да ја погледне снимката. Тоа истото, сега се дознава, го сметал и еден од судиите во ВАР собата кој на снимката објавена од „Спортске новости“ го повикува главниот во ВАР, Анте Чулјак, дека треба Јовиќ да ја погледне снимката.

„Го влече, го влече. Фран, Фран.., па да му е..м, оди во ку.ац! Го влече. Мора да го повикаш за ова“ – вели еден од судиите.

Но, немаше реакција на тоа, а на крајот од снимката се слуша: „Одете во к…ц сите заедно!“

Фудбалската јавност во Хрватска остана шокирана по излегувањето на овие снимки, поради што се огласи и продукциската куќа „Кроател“.

„Сметаме дека е недопустливо снимките од ВАР собата да се проследуваат на било кого, освен овластените страни, согласно договорот. Кроател не ги доставил снимките никому, па ниту на наведениот портал. Надлежните треба да утврдат кој и поради која причина ја пласирал наведената снимка“ – порачаа од „Кроател“.

Се вчитува...